top of page
Search
Writer's picturekrusevoadvisor

Што да направиме за да се зборува повеќе за Тоше

На 16-ти октомври со рози Крушево ги пречека маратонците кои трчаа од Нова Градишка до Крушево во чест на Тоше. Со пречекот се заокружи овој тежок ден за Крушево, Македонија, фановите од Балканот. Тоше ќе продолжи да живее со нас и во нас.


На влезот на Крушево маратонците беа пречекани со букет рози, а додека се движеа кон гробот на Тоше патот беше послан со црвени рози. Тоа пладне на 16-ти октомври неговите другари, учесници во маратонот, извикнаа „За Тоше!“ и го продолжија походот кој имаше уште нецели два километри до неговото вечно почивалиште.





Заедно со настанот на денот на последниот негов концерт - 5 октомври - крушевчани го вратија Тоше меѓу нас. Крушевчани покажаа како се чува споменот на нашиот пејач и како неговата музика ќе се пренесува и на оние млади кои не го запознале.


Тоше е бренд на Крушево и препознатливо име на Македонија. Неговата популарност на Балканот се чини дека останува иста и 15 години по неговата смрт. Овој бренд треба да се негува, претставува и промовира. Овие два настани треба да бидат само дел од се' она што се прави за да се чува името на пејачот.


Преку настани, медиумска присутност и истражувања за неговиот живот можеме достоинствено да го запаметиме делото на Тоше.





Зошто настани?


Настанот на 5-ти октомври во Крушево покажа дека луѓето се желни да ги слушаат песните на Тоше и во спомен негов да прават забава. Неговите песни остануваат безвременски и секој година концертите можат да бидат поголеми.


Концертот „Со љубов за Тоше“ го развидижи Крушево и покрај ниските температури. Токму овој настан покажа дека еден ваков концерт во родниот град на Тоше ќе привлече многу популарност, од најмлади до повозрасни.





Зошто медиумска присутност?


Присутноста во секаков вид на медиуми, оние за помладите и тие следени повеќе од повозрасните, ќе ја донесе информацијата и промоцијата поблиску до луѓето. Ова најмногу ни' фали, но барем за овогодинешниот концерт, ултрамаратонот и родениот ден на Тоше тој е присутен во медиумите. Нови проекти можат да ја „прошират“ програмата на поголема присутност од аспект на време и исполнетост со содржина.





Зошто истражување за Тоше?


На настанот на 5-ти октомври во Крушево слушнавме една приказна за големината на Тоше. Водителите ја раскажаа приказната и по реакциите од публиката изгледаше како малку да ја знаат приказната.


Суштината на тогаш кажаното е дека кога водителите биле млади новинари на почетокот на својата кариера никој од познатите естрадни уметници не сакал интервју со нив. Тоше бил тој кој покажал големина и самиот се понудил да одговори на прашањата на неискусните и млади новинари.





Ваквите приказни заслужуваат внимание. Сигурно има уште милион вакви настани од јавниот и приватниот живот на Тоше Проески кои зборуваат за неговата големина, чувствителност и љубов. Убаво е овие настани да се истражат, да се обработат со главни учесници во истите и тоа да се претстави пред јавноста.


Големината Тоше ја имаше, но неговата добрина ретко, односно никогаш, не ја споделуваше со јавноста. Затоа и не знаеме за многу негови дела. Оттука, истражување на неговиот живот, разговор со неговите родители, пријатели и фанови од цел Балкан ќе создаде еден производ кој ќе зборува за нешто што веќе го знаеме - Тоше беше успешен музичар, со големо срце и многу незнајни добри дела.


Тоше создаваше музика со која многу од нас пораснаа и затоа седнавме и размисливме, па ги даваме овие предлози за повеќе да се зборува за Тоше, почесто да се слушаат неговите песни и неговиот живот да биде наш патоказ.


Вечно ќе живее со нас и во нас.



16 views0 comments

Comments


bottom of page