Да се штрекнеш, во момент, во секунда да се освестиш. Една сцена да те протресе и разбуди од сонот во кој живееш. Да сфатиш дека работите се поинаку и ти треба емпатија, а не сожалување.
Ова се впечатоците после само првата сцена од првата претстава на македонски знаковен јазик под наслов Улаф сте?. По премиерата претставата се одигра во Крушево на 19-ти јуни.
Актерите преку перформансот ги претставуваат проблемите на лицата со оштетен слух и каков е нивниот живот во Македонија. Додека се соочуваат со истите проблеми кои ги имаат сите други, дополнително се зборува, опишува и прикажува проблемот на живеењето на едно лице со оштетен слух. Проблеми во комуникација, предрасуди на работно место и непостоењето на инфраструктура за целосна интеграција на овие лица.
Зошто претставата го задржува вниманието?
Малку тага, малку смеа, малку прикажана љубов, малку омраза - претставено на бината во кино салата во Крушево. Оваа претстава успеа да не насмее и да не натажи во исто време и да предизвика сочуство и да испрати силни пораки.
Еден од коментарите по Улаф сте? беше - „И не“ насмеавте, и не' расплакавте“. И тоа е главната порака затоа што претставата е толку моќна што побуди сериозни чувства и, што е најважно, ја испрати пораката.
На крај, научивме и по неколку букви, зборови и изрази на македонски знаковен јазик.
Режисерот Јован Ристовски претходно имаше премиера на детска претстава на знаковен јазик, а на барање на лица со оштетен слух ја создал и оваа креација.
Ни треба свест, наместо предресуди. Треба сочуство наместо сожалување. Малку љубопитност за да учиме македонски знаковен јазик.
Крушево се заблагодарува.
Пишува: Сотир Габелоски
Comments