Македониум бенд составен од домашни и странски музичари во комплексот Македониум на зајдисонце одржа концерт кој заврши со „Уште! Уште!“
Под покровителство на Младински културен центар Скопје музичката група „Ефтеркланг“ од Копенхаген, Данска, и домашни музичари одржа концерт за најава на пролетта од едно од најмагичните места во Крушево и Македонија.
Концертот се одржа на 30-ти април и ние направивме фотографии кои се надеваме дека ќе ви се допаднат, но не можеме да гарантираме дека успеавме да ја пренесеме атмосферата. Самиот локалитет пред споменикот Илинден, компилацијата на македонски традиционални со странски песни и еден тивок и мирен дух кој го создадоа музичарите со нивните музички инструменти и убав глас е склоп кој создаде кај присутните невообичаено убаво чувство.
Покрај гостите од Копенхаген дел од Македониум бенд се: Мартина Баракоска, Дина Јашари, Јане Трајковски, Стефан Стојковски и Ива Дамјановски.
Звуците на 10-тина различни инструменти, искомбинирани со многу вокали го разбудија Крушево во тоа свежо попладне каде сонцето постепено се повлекуваше зад Бушева планина.
Овој настан го разбуди Крушево и го подигна нивото на настани кои допрва ќе се одржуваат. После овој настан вистински предизвик за сите организатори ќе биде да организираат подеднакво привлечен, но истовремено културен настан со музика која звучи некомерцијално, а лесно влегува во уво.
А, на тие што присуствуваа им честитаме за уживањето.
Commentaires