Оваа недела ја поминавме на ски центарот Станич. Силно сонце, многу луѓе, дружење на снег и музика.
Но, патот до Станич не е лесен. За да го заслужиме прекрасниот престој ние одлучивме добро да се измориме со прошетка до местото. За потоа таму да уживаме во пијалок, забава со ди џеј и бел пејзаж пред нас.
Тргнавме од шумата во околината на хотелската зона во Крушево. Пешачењето во шумските предели е доживување вредно за фотографија. Погледнете подолу.
По пробивањето низ шумата покриена со дабови и букови дрва излеговме на патот кој води директно до Станич. Поминува покрај црквата Св. Петка и последната угорнина не одведе до висинката на ски центарот од каде што скијачките го започнуваат својот поход по стазата.
Нашите другари беа наши сопатници во пешачењето. Мораме да признаеме дека тие се поподготвени од тимот на Krusevo Advisor, но успеавме да го фотографираме нивното патешествие.
Нашиот пат до ски терените беше прекрасен. Шума која не' заобиколува, многу пешаци, чист воздух и пејзажи кои се протегаат и до соседните градови и општини.
Пристигнавме до Станич и таму што ќе видиме? Стотици, можеби илјадници луѓе. Скијачи, санкачи, ди џеј, топол чај... Тука е прекрасно, си рековме.
Се потсетивме на сите спомени кои од деца ги имаме со ова место. Сега најмладите создаваат нови спомени.
Ски лифтот преполн, рестораните изобилуваат со насмевки и сонце кое не сака да си замине.
Почетници, искусни скијачи, мали деца на санки, луѓе дојдени да уживаат во сонцето. Станич исполнет со позитивна енергија.
Но, нашата дружба околу 14 часот се приближуваше кон крајот. Одлучивме да ја одбереме самата стаза под жичарницата за враќање. Од таму можеме да споделиме уште некоја фотографија на која ќе и се восхитуваме додека го читаме текстов.
Се спуштавме надолу и застанавме на средината на стазата под жичницата. Од тоа место ја направивме оваа, но и многу други фотографии.
Се спуштивме до центарот на градот и продолживме да уживаме во уникатната крушевска храна. Ние мислиме дека ја заслуживме после вака активен ден. Што мислите ние?
П.С. Во Крушево овој викенд го посетија илјадници луѓе и веројатно многу од оние што ќе го прочитаат овој блог се токму тие што го посетија нашето гратче. Споделете ги вашите искуства од прекрасниот викенд во Крушево.
Comments