Летото во Крушево не можеше да заврши подобро, а се' она што се случуваше од јуни до септември го направи Крушево одново неодоливо, совршено, онака како што го познаваме.
Летото официјално започна со When in Krusevo. Настанот понуди уште побогата програма од минатата година, а посетеноста беше рекордна.
Програмата продолжи со еден настан на совршено високо ниво на култура, уметност, традиција и сеќавање. Тоа беше настанот во чест на гитаристот, крушевчанецот и првиот учител по музика на Тоше Проески Христо Христоски Мулар.
Два светски купа, неколку национални првенства и стотици рекреативни параглајдеристи на гости во Крушево. Последните ги испративме пред само неколку дена. Токму заради овој спорт Крушево беше повторно она препознатливо.
Летото продолжи со настаните околу „Десет дена Крушевска Република“, Крушево низ корија, ФИС ролер ски куп, меѓународни натпревари во одбојка.
За нас летото заврши на 25 септември со крос кантри вело трка и промоција на нови велосипедски патеки. Хотелот Панорама и ски центарот „Алто“ го завршија проектот и подготвија 4,5 километри вело патеки.
Изминатото лето Крушево привлекуваше туристи кои сакаат авантура. Тоа се параглајдеристите, учесниците на фестивали на отворено и посетители кои го посетуваат авантуристичкиот парк.
Крушево го посетуваа и туристи исклучиво поврзани со спортскиот туризам. Актуелна беше одбојката со голем број на подготовки и организација на меѓународни турнири. Актуелни беа натпреварите во риболов, пливање, трчање.
Во нашиот град летово се снимаа филмови, детски серии и слични проекти. Врз основа на тоа, стотици луѓе престојуваат во Крушево.
Туристи доаѓаа и за некои од музичките настани. На пример за настапот на Дац и Александар градот го посетија луѓе од околината на Крушево.
Викендите беа резервирани за еднодневни посети и дегустација на традиционалната храна.
Она што фалеше ова лето, а го дознавме од нашите пријатели угостители, е дека посетите на семејства, парови и млади со најмалку едно ноќевање изостанаа. Но, се покажа нешто друго, дека Крушево многу повеќе луѓе привлекува со авантуристички, спортски и содржини на здрав живот.
За тимот на Krusevo Advisor се' она што се случува покажа во која насока треба да се развива туризмот во Крушево, но најважната работа е што нашиот град нуди многу и надвор од летото.
Затоа, повелете!
コメント