Годината 2022 изминува, а Новата ја започнуваме сите заедно во Крушево. Со сонце, пријатно време, чист воздух и, нашето омилено, неодоливи пејзажи.
За Krusevo Advisor ова е една успешна година. Но, и за Крушево ова беше успешна година. Параглајдингот се врати на голема врата, Крушево се посетува во текот на цела година и ова убаво време овозможува да уживаме во природните убавини на продолжено време.
Она што во моментов ни' фали е снегот, па да уживаме на зимските пејзажи, да се дружиме на ски терените и да го почувствуваме зимскиот дух на градот. Но, убавото време не' прави малку отпорни на промена, па ни годи сонцето, додека другиот дел од Македонија е со магла и пониски температури од кај нас.
Сакаме во Новата 2023 година да влеземе со нов ентузијазам да си го промовираме нашето Крушево. Сакаме да си го прикажеме нашиот град во најдобро светло и да ве привлечеме одново да ни' дојдете. Но, сакаме и вие да го претставите Крушево. Преку фотографија, напишан збор, лично искуство. Кампањата во која преку наши и ваши фотографии ги покажавте омилените моменти од градот побуди голем интерес. Тоа сакаме да продолжи уште од првиот ден во 2023-та. Споделувајте со нас се' за Крушево.
Во меѓувреме, во Крушево е убаво и веќе со гостите се сретнуваме во центарот на градот. Нашите домаќини - угостители со нетрпение ве очекуваат, а Krusevo Advisor ви ветува дека уште повеќе ќе уживаме во Крушево во годината што следи.
Comentarios